Доделување на Повелба на Република Македонија на Инженерската институција на Македонија

Признанијата значат потврда за минат труд, но во суштина, претставуваат поттик и одговорност да се продолжи во создавањето нови вредности. Токму затоа, велиме дека сме подготвени да опстоиме на ентузијазмот и тој да биде барем толку силен, колку што бил на нашите колеги во далечната 1946 година. Тогаш, кога дваесетина врвни инженери и техничари, формирале Друштво со цел размена на мислења и искуства за изградба на својата нова држава и етаблирање на инженерското образование. Не помал треба да биде и нашиот ентузијазам, како универзитетски професори, истакнати стручњаци и менаџери во македонските компании, кои и покрај секојдневните професионални ангажмани, треба да дадат сериозен придонес во подобрување на улогата на инженерите во општеството и создавањето услови за квалитетен инженерски подмладок како движечка сила во технолошкиот развој на нашата земја.


Со текот на годините, следејќи ги општествените промени, Инженерската институција на Македонија претрпела повеќе трансформации, нови обликувања и насочувања. Имала различни називи, но иста мисија и визија. Различни дејци, но ист правец на раст и развој. И секогаш била и ќе остане – единствена професионална, неполитичка и непрофитна организација која што преку своите здруженија и сојузи ги обединува инженерите, практичари и научници во Република Македонија.
И како што кажал големиот Никола Тесла: Да оставиме иднината да зборува за вистината и да даде оценка за секој, според неговите дела и достигнувања. Ако сегашноста е на сите, иднината за која што навистина сме работеле е само наша!
проф. д-р Христина Спасевска