Говор на Проф. д-р Христина Спасевска, Претседател на Инженерската институција на Македонија

Успехот што го постигнува еден млад човек во текот на студирањето, е резултат на неговата неизмерна желба, својот животен век да го помине работејќи го она што го сака, за тоа што сонувал како мал и што како одговор го имал во детството, на едно од првите поставени прашања од страна на возрасните – што ќе бидеш кога ќе пораснеш?
Навидум, изгледа многу едноставно, желба и амбиции постојат, па со вложување многу работа, наеднаш постигнатите резултати те поставуваат на највисокиот пиедестал – прв во генерацијата. И тогаш, примајќи ги ловориките на победник, веќе длабоко во свеста, се поттиснати сите направени одрекувања, како што милуваат да кажат постарите, во “најубавиот период од животот”.
Задачата на овие млади луѓе, засега е завршена, затвориле едно поглавје од животот како најдобри. Но, која е нашата задачата? Дали со тоа обвската и посветеността кон младиот човек, сега веќе потврден професионалец, треба да заврши?
Но, со тоа започнува нашата одговорност, на Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, на универзитетите, на компаниите, а особено на државните институции!
Барајќи го одговорот на ова прашање, Инженерската институција на Македонија од пред 14 години го воспостави признанието ИНЖЕНЕРСКИ ПРСТЕН. Имено, Инженерската институција на Македонија заедно со Комората на овластени архитекти и овластени инженери, и оваа година, под покровителство на Претседателот на Република Македонија, го доделуваат Признанието ИНЖЕНЕРСКИ ПРСТЕН на најдобрите дипломирани студенти од 10, по строги критериуми, избрани факултети, на петте прворангирани државни универзитети.
Ако овие млади луѓе, дале пример како треба да се биде посветен, за да се постигне успех. Сите ние треба да дадеме пример и со наша посветеност да го отвориме патот, ним и на сите други до нив, овозможувајќи им услови за понатамошно унапредување. Затоа што тие веќе докажале дека можат.
Да се отворат вратите на научните лабораториии, на развојните оделенија во компаниите, да се обезбедат финансии за продолжување на нивното школување во елитните странски центри, но длабоко поврзани со нив, и со јасно ветување – дека секогаш ќе можат да се вратат, и дека овде, во Македонија, ќе имаат услови да бидат исто така успешни.
При тоа, постои само еден, единствен пат за оние што доделуваат признанија и го потврдуваат успехот на младите. Да помогнат во воведувањето системски мерки, ефикасни закони и ефективни правила, кои впрочем, инженерски кажано, ќе ја намалат непоределеноста како услов за успешен резултат!

06.06.2017 година