Доделување на Признанието ИНЖЕНЕРСКИ ПРСТЕН, 28.06.2019, Скопје – говор на добитничката на признанието Тамара Георгиевска

16 години веќе како можноста за добивањето на Признанието Инженерски прстен тивко, но молскавично врви низ новите генерации од сите инженерските гранки. Да се поседува Диплома од инженерските струки значи многу повеќе од лист хартија напишан со многу текст и лични податоци. Претставува карта за да се направат разлики во секојдневието. Диплома со која може и треба да се градат вредности. Да бидеме инженери од срце, да градиме вредности не само што ќе имаат влијание во секојдневието, туку ќе постигнеме и сатисфакција каква што ќе може да се роди само од вредна, искрена и трудољубива работа.
Успехот нè учи како да успееме, како да просперираме, и Признанието „Инженерски прстен“ е токму еден еден таков учител. Една од многуте светли точки што се на крајот од академскиот пат. Пат што го проектираме со години, внимателно го градиме бројни часови во надеж за иновативно негување на инженерските гранки во претстојните години. Да ја одржиме традицијата и продолжиме културната борба на знаење, развојот на науката и унапредувањето на инженерско-технолошката дејност во нашата земја.
Да се биде инженер не значи само проектирање на решението за проблемот, имено значи и да ги следиме нашите срца и интуиција, што неретко значи и потешкиот пат, хаотичност, несреденост и бројни предизвици, лекции што ни беа секојдневие уште во студиските денови. Но тоа е она што е адреналинската двигателна сила на еден инженер– предизвиците и неизвесност. Само треба да бидеме доволно храбри во таа културна борба за да градиме иднина заедно.
Во тоа име, во својство на претставник на носителите на Инжнерски прстен од 2019 година, дозволете ми да ја искажам топлата благодарноста, пред сè, на сите присутни за Вашето одвоено време да го споделите овој животен момент со нас, овогодинешните добитници на инженерскиот прстен, неизмерна благодарност кон двете организации: Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери за нивната одлучност и истрајност кон одржување на традицијата „Инженерски прстен“, а срдечност кон покровителот, Претседателот на нашата држава, за генерациското верување во нас и нашиот потенцијал за придонес кон економско-технолошки развој на нашата држава. Благодарност до нашите факултети што нè искалија, нашите професори кои беа и строги и дарежливи да ни го пренесат нивното искуство и знаење за да нè поттикнат да бидеме инженери со љубов кон работата. Без Вас немаше да бидеме она што сме сега!
Ви благодариме, ние носителите на Инженерскиот прстен и помладите инженери, што ни бевте и сте водилката-светлина во академската иднина на нашата земја.