Доделување на Признанието ИНЖЕНЕРСКИ ПРСТЕН, 28.06.2019, Скопје – говор на претседателот на Инженерската институција на Македонија, проф. д-р Христина Спасевска

Имам, особена чест и задоволство, да ве поздравам и да се заблагодарм за вашето ценето присуство што ја величите ова свеченост, по повод доделувањето на Признанието ИНЖЕНЕРСКИ ПРСТЕН, на најдобрите дипломирани инженери. Нив така ги поздравувам и им честитам за наградата.
Најнапред, би сакала, во името Инженерската институција на Македонија, да искажам голема благодарност на Претседателот на Република Северна Македонија, господинот Стево Пендаровски, за покровителството на ова признание и за можноста денес, заеднички, уште еднаш, да истакнеме колку нам ни се важни младите.
Исто така, благодарност за соработката и до нашите универзитети со кои постојано работиме да го зголемиме бројот на млади што се запишуваат и успешно завршуваат инженерство.
Годинава, ова уникатно признание, не само во државата, но и многу пошироко, се доделува на 11 најдобри инженери од селектирани, по строги критериуми, факултети. Изборот на вашите факултети, драги добитници, зборува за квалитетот на дипломата со која што се стекнавте и длабоко сум убедена, дека многу брзо, ќе можете да ја валоризирате со започнување на успешна кариера.
Да се биде штотуку дипломиран млад инженер значи дека сте поминале неколку години во факултетско образование, насочено кон изучување на најновите технологии, владеење на фундаменталните законитости во природата, изучувањето на проектниот менаџмент и работа во тим. Сите овие знаења ве прават сигурни и подготвени за нови предизвици, да продолжите со образованието или да започнете професионална кариера.
Дека навистина сте добри ви потврдуваат елитните странски универзитети, кои ширум ги отвораат вратите за вас уште пред да дипломирате, а компаниите во развиените земји ви нудат одлични почетни примања и брз напредок.
И тогаш, неминовна е вашата дилема: дали да останете дома или да заминете и почнете од почеток, носејќи го со себе само стекнатото знаење. Впрочем, тоа го прават и младите инженери од развиените земји затоа што интелектуалната миграција е светски тренд, кој е неминовен при денешната глобализација на општеството.
Таа ваша дилема во моментов претставува вистински предизвик за нас, како најголема професионална организација на инженерите од сите струки, да се вклучиме во не така лесната мисија на нашата држава – да се запре заминувањето на младите инженери.
Секако, нашата институција, веќе 16 години, со етаблирање на признанието Инженерски прстен, е посветена на наградување и промовирање на инженерството. Исто така, пред не цела година го формиравме и Клубот на млади инженери, кој што веќе е членка на Европската федерација и е единствена организација од земја што не припаѓа на Европската Унија. Преку Клубот, сите вие ќе можете организирано да дејствувате во истакнување на своите потреби и барања, како во земјата и така и на европско ниво.
Но дали навистина можеме да ја добиеме битката и де ве задржиме овде? На таа борба мора силно да се посветиме сите ние: постарите колеги, професорите, родителите, бизнис заедницата и политичарите.
Заеднички, со стратешки одлуки, кои не се само на хартија и дел од секојдневни политички пароли, да создадеме општествена клима во која што младите инженери ќе и дадат шанса на нашата земја. Да се обврземе пред вас, дека ќе направиме сѐ што е во наша моќ да бидете дел во нашите тимови. Како што помагавме да бидете одлични студенти, да создадеме услови да станете одлични инженери и научници.
Токму тоа е значењето и на Златниот инжинерски прстен, кој што претставува круна од дабови лисја со вградени знаци на Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, 8-крака ѕвезда што го симболизира знаењето и синергијата од сите инженерски дисциплини. Дабовите лисја во нашата традиција се симбол за чест и достоинство на имателот.
Затоа , драги добитници, носете го прстенот со чест и достоинство како пример на вашите колеги и на генерацијата на коja што и припаѓате.