Општо за Инженерски прстен

14 ГЕНЕРАЦИИ ИНЖЕНЕРСКИ ПРСТЕН

ПРИЗНАНИЈАТА КАКО ПОЧЕТОК

Се прогласуваат победниците. Невидлив сноп рефлекторска светлина. Трепет во душата. Чиниш последниот круг е зад нас. Готово е – си го слушаш сопствениот внатрешен глас. А низ мислите протекува филм. Доживеани сцени со познати ликови.

Мигови на вложен труд, одговорност, предизвици, непроспиени ноќи, самокритичност, борба за знаење, за продуктивно докажување. Мигови на запознавање со тајните на ин-женерството.

Клубот на носители на Инженерскиот прстен ги обединува добитниците на ова престижно признание. Формиран е со цел да влијае и делува на подигнување на свеста за местото и улогата на знаењето во општеството и за поттикнување на чувството на гордост и филан-тропска одговорност кои произлегуваат од припадноста кон инженерската заедница. Со создавање можности за активно учество во општествените процеси од оваа, за развојот на државата, круцијална дејност, се стреми кон ефикасно вклучување на квалитетните млади кадри во развојот на инженерските струки.

Филмот од минатото бргу се одмотува. Ехото од аплаузот стивнува. Животот нетрпеливо започнува со режирање нови дела. Сценариото се пишува во од. Кастингот е веќе започ-нат. Се започнува одново. И одново. Без престан. Осцилација на совршен непридушен систем. Наеднаш станува јасно дека не постои вечна потврда за постигнат успех. Дека наградите се вистински заслужени само ако се дел од процес, а не куса животна епизода.

Трката тукушто започнува.

 

Инженерскиот прстен во Македонија, досега, го добиле 150 носители – најдобри дипломирани инженери во Македонија. Секој заслужено се закити со ова највисоко признание, кое всушност, претставува печат на една успешно завршена етапа и обврска да се продолжи со негување на инженерската мисла и практика. Во продолжение Ви пренесуваме само мал дел од изјавите на носителите, објавени во списанието „Инженерство“….

Иван Василевски

Сметам дека врвна обврска на сите е да се реализираме себеси преку искористување на нашиот креативен капацитет. Земајќи ја економската состојба во Македонија, мислам дека најповолен начин за тоа е претприемништвото. Автоматиката и роботиката се дисциплини, кои поради својата природа, секогаш се впаруваат со други полиња на професионалност. Се надевам дека за 10 години ќе бидам дел од тим кој ќе напредува на глобалниот пазар преку научни истражувања и иновативно искористување на постоjните знаења.

Мери Жаја

Иднината на човештвото не е предодредена од просторот, енергијата и почвата како ресурс, таа ќе биде одредена од интелектуалниот развој на човечките потенцијали. Себеси се гледам како истражувач во областа на биотехничките науки, со што ќе придонесам за развојот на Република Македонија. Основната цел на едукацијата е примена на посебните компетенции кои можат да бидат со цел да се постигне висок квалитет на земјоделските производи, со истовремена ефикасна заштита на животната средина. Еден од клучните елементи на производството, чувањето и транспортот на здравствено безбедна храна е и неговата поврзаност со современите случувања во областа на земјоделските науки, зачувување на животната средина и управување на екосистемите на принципите на одржливиот развој.

Анита Поповска

„Никогаш не сум сакала да предвидувам што би се случувало во иднина, бидејќи досега најубавите работи ми се случиле токму непланирано. Меѓутоа, со ова признание, ми се зголемува желбата да дадам поголем придонес на научно ниво во истражувачкото поле (за заштита на растенијата). Исто така, би сакала да помогнам и во развојот на агрикултурната гранка во нашата земја, да се здобиеме со повисок статус на европскиот пазар, а воедно да го задржиме нашиот добро познат квалитет и органското производство. За десет години се гледам како истакнат активист со конструктивен и иновативен придонес во развојот на земјоделскиот сектор. Како и колку ќе успеам во мојата намера, останува да видиме.

Петар Моштановски

Пред сè, би сакал да упатам огромна благодарност до Инженерската институција и до покровителот на наградата, претседателот Ѓорѓе Иванов. Оваа награда претставува едно фасцинантно, бесценето уважување на постигнатите резултати. Прстенот дава одлика на почестеност, почит и вредност за нашата професионална определба. Притоа, ако се изразам нескромно, во една асптрактна смисла, оваа награда претставува круна на достигнувањата кои секогаш биле на врвот на моралните вредности. Гордоста и привилегијата да се добие признание од ваков размер ме прави неизмерно среќен. Идеалот што самиот по себе го има ова признание, сметам дека треба да претставува стремеж на секој иден студент – инженер.

Ана Љуботенска

Наградата „Инженерски прстен“ е признание што ги заокружува и вреднува досегашниот вложен труд и сили во насока на себеиздигнување и стекнување базични инженерски знаења и вештини. Таа претставува објективно и реално вреднување на целата посветеност и истрајност за време на додипломските студии. Истовремено, наградата е мотив и инспирација за понатамошни продлабочувања на знаењата во инженерската кариера. Наградата делува охрабрувачки за осознавање нови хоризонти и перспективи во идното делување во областа на која сум и` посветена, која е креативна, одговорна, исполнета со предизвици и секогаш отворена за нови идеи. Идеите и креативноста го движат светот, квалитетот е основа за прогрес.

Александра Серафимовска

Живееме во ера на интензивен техничко-технолошки развој, а со тоа се јавува потреба од стручен кадар на инженери, луѓе кои секојдневно се едуцираат и работат во пронаоѓање нови можности во насока на олеснување на животот. Од целиот тој динамичен развој и научен напредок бев понесена и јас, а наградата „Инженерски прстен“ ме потсети дека и јас сум дел и давам придонес за продолжување на тој развој како инженер преку своите идеи, знаење и креативност. Наградата претставува признание за мојот досегашен успех и потсетник за вложениот труд во текот на студирањето. Но, претставува и обврска да продолжам во своето професионално и научно изградување. Таа претставува не само признание за мене, туку признание и за моето семејство кое цело време ме поддржуваше во одлуката за студирање токму во оваа област, како и признание за професорите кои ми го покажаа патот до успехот. Признанието треба да им претставува поттик и на останатите студенти кои одлучуваат да се запишат на еден од инженерсктие факултети. Благодарение на знаењето што го стекнав на ТМФ, можам да водам индустриски процес за производство на храна и истиот да го дизајнирам до
совршен вкус, кој секој би сакал да го проба, што е и мотото на насоката – Прехранбена технологија и биотехнологија на кој студирав. Инженерскиот прстен ми е драгоцен и ми претставува особена гордост која ме потсетува на вложениот труд за време на студирањето, кој ме доведе до високотехнолошка прехранбена фирма која извезува производи на пет континенти. Потребна е упорност и посветена работа, а успехот доаѓа сам по себе.

Благица Трајчевска

Насоката Мехатроника на којашто се запишав на Машинскиот факултет и проблемите што ги третира во полето на роботиката, ме привлекуваа и значеа нешто ново, нешто непознато… Сакав да се сретнувам со нови и непознати светови, да студирам нешто што ќе ми причинува задоволство и ќе ми дава поттик за понатамошна работа. Работев беспрекорно, оддавајќи му подеднакво значење на секој предмет и на секоја проблематика во текот на студирањето. Успехот си дојде сам по себе.

Дарко Мартиновиќ

Уште од моето прво запознавање со компјутерот почувствував некоја посебна енергија, некоја невидлива сила која ме привлекуваше. Нема да го заборавам периодот кога започнав да ги пишувам моите први програми. Кога за првпат го открив вистинското значење на зборовите информатика и програмирање, сфатив колку креативна и забавна може да биде оваа професија. И со отворање на секоја нова, мала врата, откривав нови работи кои сè уште не ги знаев и со нетрпение сакав да ги научам. И така, по секоја успешно одиграна борба, сфаќав дека тоа ќе ме води, тоа сакам да го работам и се надевам дека ќе бидам успешен.

Тина Коцова

Откако завршив со додипломските студии на ТМФ, одлучив да се запишам на магистерски студии во странство. Бев водена од желбата да откријам нови култури, нови средини, но многу побитно – да дојдам во контакт со различни начини на студирање и различни навики на работа. Одбрав магистерски студии од Еразмус Мундус (Erasmus Mundus) наречени Master Food Identity кои ми овозможија да студирам и работам во повеќе од четири европски земји и да бидам во постојан контакт со студенти, професори и професионалци, буквално од сите страни на светот. Овие студии ги отпочнав пред година и половина, така што не бев во можност да присуствувам на церемонијата за доделување на инженерскиот прстен. Таа чест им припадна на моите родители. Сепак, би сакала да нагласам дека студирањето во Македонија, работата на ТМФ и помошта од моите професори од отсекот Прехрабена технологија, претставуваат незаменлива потпора и подлога за успешно следење на магистерските студии. Сега се наоѓам на крајот на третиот семестар кога треба да одлучам каде ќе ја работам магистерската теза и на која тема. Примарна желба е да се вратам на Балканот каде што би можела да го применам стекнатото знаење и да помогнам во процесот на заштита и валоризација на традиционалната и локалната храна, што претставува основна содржина на Master Food Identity студиите.

Стојанче Панов

Добивањето на наградата „Инженерски прстен“ за мене беше едно прекрасно и неповторливо искуство кое ќе го паметам како значаен момент во мојот живот. Во моментот сум студент на постдипломски студии на Факултетот за информатика при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Со оглед на тоа дека го довршувам моето образование и сè уште сум на почетокот на градењето на мојата кариера, искрено се надевам дека оваа награда ќе ми помогне во блиска иднина, по завршувањето на студиите, да напредувам и да се развивам, со цел да придонесам со мојот труд и посветеност за подобро општество. Останува на времето да покаже сè.

Катарина Тројачанец

Човек никогаш не добива желба без да добие и сила за нејзино остварување. Сепак, треба да се потруди за тоа. Со огромна волја и ентузијазам и` се посветив на компјутерската наука. Секој човек треба сам да го открие она што го инспирира, мотивира и го сака во својата потенцијална професија за да може да го исполнува и тој да биде успешен во неа. Јас чекорам на патот кон моето најголемо достигнување.

Филип Здравески

Проблемите се привремена состојба! Ништо не трае вечно. И на проблемите им доаѓа крајот! Тоа е мотото што ме води низ животот. Науката отсекогаш ме привлекувала, без разлика дали станува збор за технички, природни или општествени науки. Гледајќи ги инженерите како цртаат детали, склопни цртежи на големите табли, восхитувајќи им се на нивната умешност, сè повеќе го засакував инженерството. За мене претставува магија кога инженерот, независно дали е електро, машински, градежен.. ќе најде решение за некој проблем.

Марјан Џидров

Кое е вашето животно мото? Да се биде или не прашањето не е сега, туку за вчера, бидејќи утре е нешто трето.

На кои современици им се восхитувате? На оние обичните. Кое е вашето најголемо достигнување? Допрва доаѓа.
Дали ви се остваруваат соништата? Сонот си е сон, јавето си е јаве, што и да е, арно да е. Каде би сакале да живеете? Онаму каде што зимата е топла, а летото ладно.

Ако не бев инженер, ќе бев..? Уметник

Катерина Почепопова

Кое е вашето животно мото? Не знам дали имам такво нешто, ама има нешто што го прочитав неодамна, а ми се допадна: „Живеј за денес, не мисли на утре“.

Дали ви се остваруваат соништата? Мислам дека соништата се остваруваат ако доволно ги посакуваш и правиш сè за да ги исполниш. Во моментов сум на добар пат, барем јас така мислам, ќе видиме.

Кога би имале моќ, што најпрво би промениле? Доста страшно прашање. Сите мислат дека знаат што сакаат и што да сменат кога би имале моќ. Ама мислам дека не е лесно да се избере и реши што. Сакам да ја сменам Македонија во најеколошката и најпријателски расположена земја кон природата.

Каде би сакале да живеете? Ова се менува барем еднаш месечно, ама со оглед на тоа во кој правец се движи мојата кариера и професија, дефинитивно некаде каде што почесто се случуваат земјотреси, како Јапонија, Западниот брег на Америка и Канада или, засега, мојот омилен град е Истанбул.

Ако не бев инженер, ќе бев..? Ме привлекувале повеќе работи во животот, како биологија, географија, историја, сигурно нешто од тоа би одбрала.

Кире Триводалиев

Ми беше привлечно размислувањето за моќта на компјутерот и што сè е способен да направи. Секако, тоа беа денови кога не бев добро запознаен со проблемите кои мора да се решат за компјутерот да продуцира некакво „чудо“, туку повеќе беше наивна импресија која ја добив само од користење готови компјутерски софтвери. За мене едно логично продолжување на љубовта кон математиката, а воедно и задоволување на љубопитноста за прашањето што всушност се случува во тој чудесен компјутер. Во однос на научниот дел работам на проблеми од биоинформатиката. Како да се искористи компјутерот и моќта што ја има за да се даде одговор на прашања кои досега не се отворени, а го засегаат човекот и неговото здравје. Генерално денес помладите го гледаат компјутерот повеќе како забава и нема ништо лошо во тоа. Сепак, можностите се далеку, далеку поголеми. Замислете како би било голем број болести да може да се спречат и тоа само благодарение на компјутерски анализи. Тоа е она што ме исполнува и што ги прави информатиката и компјутерот незаменлив дел од мојот живот.

Катерина Банџо

Недостигот од храна сè повеќе ја загрижува растечката човекова популација и придонесува сè повеќе да се вложува во агрономијата. Природните ресурси се ограничени, а во нив спаѓаат и обработливите земјоделски површини. Поради тоа, со развојот на земјоделската наука се зголемува и степенот на искористеност на овие површини. Живееме во време кога загадувањето на планетата Земја достигнува критични граници и сите се загрижени за ефектите од стаклената градина, улогата на агрономијата повторно доаѓа до израз. Со примена на современо земјоделско производство се намалуваат загадувањето на средината и последиците по човековото здравје кои настануваат од несоодветната употреба на хемиските средства. За важноста на земјоделието зборува и фактот што, за нашата земја да стане членка на ЕУ, најмногу реформи треба да се воведат токму во овој сектор. Ова се само дел од причините поради што моето студирање ми претставуваше вистинско задоволство, а мојата професија ме исполнува со чувство на важност и значајност.

Дарко Наков

Основната причина која беше пресудна при изборот на мојата професија беше желбата и инстинктот да се создаде нешто ново, да се подобрат условите за живеење, вклопувајќи се во природните облици и на тој начин, заштитувајќи ја природата, да се заштитиме самите себе од несаканите влијанија од неа. Комплексноста и предизвикот да се биде градежен инженер при што се анализираат конструкциите и објектите од сите можни аспекти и правилно и сеопфатно се оценува функционалноста, трајноста и вистинскиот степен на сигурност му овозможуваат на еден инженер дизајнирање и реализација на храбри, но сигурни, трајни и економични решенија за секаков вид конструкции. Од особен предизвик е градежништвото поврзано со модерни концепти на програмирање, компјутерски ориентиран дизајн на конструкции, нумерички методи, математички и компјутерски симулации и моделирање на најразличен тип конструкции.

Драгица Ѓуровска

Љубовта кон преработката на дрвото започна да се развива рано во детството кога поголем дел од денот го поминував со татко ми, изработувајќи најразлични форми во дрво со неговите длета. Отсекогаш ме интересирал внатрешниот дизајн и затоа се одлучив да се запишам на Шумарскиот факултет, отсек проектирање и технологија на мебел и интериер. Практичниот увид во реализацијата и финализацијата на индустриските производи, уште повеќе ја надополни и збогати мојата теоретска база на знаења. Стекнатиот квантум на квалификувани знаења од областа на преработката на дрвото ми овозможи мошне брзо и успешно да се вклучам во производниот процес на една од најуспешните фабрики за мебел во Македонија. Како млад инженер – проектант, мојата визија е да внесам максимална креативност и иновативност во проектирањето и изведувањето елементи од ентериерот, компатибилни со новите стандарди на современото домување.

Александра Златеска

Важноста на градежништвото, особено неговата комплексна целина која во себе обединува низа науки, како физика, математика геомеханика и ред други дисциплини, се од огромно значење за комплетирање на една правилна и квалитетна конструкција. Животот на самата конструкција е во рацете на инженерот кој е одговорен за нејзиното правилно пресметување и градење. Сведоци сме на многубројни несреќи кои се случуваат како резултат на неправилно димензионирани и проектирани конструкции, како и од користење неквалитетни материјали, кои добиваат катастрофални размери кога би се приклучиле и земјотресите и другите елементарни непогоди. Ова беше една од причините да го изберам земјотресното инженерство како моја идна специјалност со цел да придонесам за подобар и посигурен живот.

Звезда Богеска

Одлучив да станам земјоделски инженер поради првичната љубов и почит кон природата, што е основа за здраво и плодно живеење. Сакам да се занимавам со здраво органско производство и да придонесам во борбата за безбедна храна која мора да се интензивира сè повеќе, имајќи предвид дека процесот на загадување на хранливите продукти алармантно се зголемува. Конвенционалното земјоделство го става на раб опстанокот на живиот свет, од растителните до животинските видови и повисоко, до човекот. Значи, мора да си помогнеме себеси, на нашите поколенија, како и на нашата планета.

Александар Ивановски

Потребата да се вклопам и содејствувам со нешто толку Божесно, наречено природа и потреба од чиста логичка мисла, математички искалкулирана професија, како и генетската определеност на моето семејство за инженерската професија, кулминираа во мојата остварена желба за станување член во Семејството на инженери или поточно, инженери на животна средина. Не ми е доволно јасна причината за имањето негативен став кон инженерската професија. Дали причината е тоа што за да дипломираш на некој од инженерските факултети треба да вложиш многу труд и тука, главниот чинител е стравот дека вложениот труд нема да се реализира како доволно платено работно место во струката. Меѓутоа, мора да сте убедени дека сето она што сте го вложиле во себе во текот на студирањето го вложувате повеќекратно за себе и ќе увидите дека не е секогаш така. И како за крај, од мене еден совет дека никогаш нема да знаеш што ти треба и што бараш додека не го најдеш или изгубиш. Не губете ја можноста да станете инженер, јас го најдов тоа што го барав.

Ана Ивановска

Дoбро ја владеев математиката, но го сакав и цртањето. Архитектурата ги спои овие мои способности. Отсекогаш ме импресионирала моќта на архитектите, но и нивната обврска, одговорноста да ја моделираат средината во која живеат луѓето. Восхитувачки и благородно е да се умее идејата да се стави на хартија на начин кој на крајот, како финален производ, ќе даде изградена структура. Студирајќи архитектура сè повеќе ги развивав моите уметнички способности, стекнав поголеми знаења од историјата и технологијата, социјалната и културната свест и критичката имагинација. Успешниот архитект мора да има огромен квантум на знаење, да умее да ја премине традиционалната бариера меѓу науката и уметноста. Со упорна работа ќе ја постигнам оваа моја цел.