Списание
Инженерство
Инженерската институција на Македонија го издава списанието за инженерско творештво и технологија ИНЖЕНЕРСТВО UDK/UDC 62, ISSN: 1409-5564 што се дистрибуира бесплатно.
Списанието ИНЖЕНЕРСТВО почнува да се печати како одзив на предизвиците во современите отворени општества и одбележувајќи го златниот јубилеј на институцијата на инженерско-научните друштва и сојузи на Република Македонија во 1996 година, со одлука на Генералното собрание за издавање на интердисциплинарно и трансдисциплинарно научно-стручно списание за инженерско-технолошко творештво. ИНЖЕНЕРСТВО почнува се издава како квартално двојазично, на македонски и англиски јазик, според годишна издавачко-уредувачка политика за сите четири броја. Првиот број се печати во тираж 1000.
Во ИНЖЕНЕРСТВО се застапени теми од областа на енергијата, водата, животната средина, комуникациите, материјалите и храната. На почетокот трудовите се применети и теориски кои јасно покажуваат оригинално инженерско творештво од поопшто и потрајно значење и влијание.
Во 2000 година списанието ИНЖЕНЕРСТВО излегува со дневниот печат во тираж 35000.
Со текот на времето содржината на списанието се збогатува со актуелности од инженерското секојдневие, интервјуа со реномирани заслужни инженери, декани, стопанственици и соработници.
Од 2004 година, кога се воведува признанието Инженерски прстен, голем дел од страниците на ИНЖЕНЕРСТВО се посветени на добитниците на Инженерскиот прстен, нивна биографија, интервју како и фотографии.
Понатаму Инженерство се модернизира и се карактеризира со живописни насловни страници и колоритни статии.
Последните години списанието излегува еднаш годишно.